Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Членови

Цветанка Периќ

Претседател на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Марија Тодоровска

Член на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Кадри Хаџихамза

Член на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Светлана Цветковска

Член на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Стевчо Донев

Член на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Цветанка Периќ

 

Претседател на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

 

Судијата Цветанка Периќ е родена на ден 08.07.1964 година во Скопје. Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот на Св.Кирил и Методиј Скопје во 1989 година. Правосудниот испит го положила во 1993 година. Од 1994 до 2005 година работи како стручен соработник и самостоен судски советник во Апелациониот суд Скопје, на кривична материја. Со Одлука на Собранието на Република Македонија бр.07-1851/1 од 19.07.2005 година е избрана за судија на Основниот суд Скопје II Скопје, а од 2007 до 2011 година била судија во Основен суд Скопје I Скопје, на кривична материја. Во периодот од 2008 до 2011 година била Претседател на Одделот за кривично -полнолетни и Претседател и член на Кривичниот совет. На ден 30.03.2011 година со Одлука за избор 07—588/1 (Сл.весник на РМ бр.42/11 од 04.04.2011 година) е избрана за судија на Апелационен суд Скопје, каде постапувала по предмети во Кривичниот оддел. Со Одлука на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.08-1447/2 од 11.09.2019 година е избрана за судија на Врховниот суд на Република Северна Македонија и до ден денес работи на кривична материја. Од месец Февруари 2021 година е Претседател на Одделот казниви дела и Советот за казниви дела. Судијата Периќ била заменик член на Управниот одбор во Академијата за судии и јавни обвинители обвинители ”Павел Шатев” во период 2020-2022 година. Судијата има богато учество на обуки за стручна и професионална едукација. Како судија била предавач и обучувач во Академијата за судии и јавни обвинители ”Павел Шатев” со ангажман како предавач во континуирана обука, предавач во почетна обука, како и активно учествувала на сите работни средби на апелационите судови и Врховниот суд на РСМ за воедначување на судската  пракса. Судјата Периќ била вклучена во процесот на реализација на обуки за новиот ЗКП кои Академијата за судии и јавни обвинители ги организирала со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Со поддршка на програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамките на проектот “Превенцијата од семејно насилство преку компоненти национални институции и одговорен и транспарентен судски систем 2012-2014” спроведен заедно со UN Woman и МТСП судијата се јавува како автор на Практикум за обука на професионалци кои постапуваат во случаи на семејно насилство врз жена. Исто така била сертифициран обучувач во ЈУФРЕКС програмата на Советот на Европа. Како обучувач учествувала во развивање на работните материјали за реализација на обуките за слобода на изразување. Судијата Цветанка Периќ била активно вклучена во реализација на предвидените активности во рамки на Регионалната мрежа на жени – судии и мажи – судии во Западниот Балкан посветена на унапредување на родовата еднаквост – Мрежата на родовите шампиони во правосудството (GCJ) координирана од Центарот AIRE во соработка со регионалните институции за обука на судии како дел од проектот поддржан од Владата на Велика Британија. Во рамки на UNODC – Глобалната програма за огнено оружје судијата има учествувано на регионалните состаноци на тема “Улогата на обвинителите во одговорот на кривичната правда во борбата против трговијата со огнено оружје”. Судијата Периќ била активно вклучена во реализација на предвидените активности во рамки на овој проект и учествувала во прилагодување според национални правни рамки на “Упатството за истрага и гонење на случаи поврзани со огнено оружје” подготвено од UNODC. Во рамки на проектот “Јустиција” судијата Периќ учествувала на настанот на тема “Кривично правен одговор на трговијата со оружје” чија цел била подготовката на Курикулум за обуки за истрага и гонење на кривични дела поврзани со огнено оружје. Во рамки на iPROCEEDS-2 регионалниот проект на Совет на Европа за изградба на капацитети за борба против криминал преку интернет судијата Периќ има активно учество на регионални обуки реализирани врз основа на Електронскиот водич за докази, подготвен од страна на Совет на Европа. Судијата Цветанка Периќ има учествувано во активности спроведени во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во РСМ (2017 – 2023 година) – DCAF насочена кон јакнење на судската пракса за одобрување и спроведување посебни истражни мерки. Во рамки на овој проект судијата учествувала во серија работилници за концептуализација и развивање Прирачник за спроведување на мерките за следење на комуникациите а воедно учествувала и на обука на обучувачи за дисеминација на Прирачникот. Исто така била вклучена во процесот на концептуализација и развивање процедури за чување и ништење податоци собрани со посебни истражни мерки (2023-2024 година).

Марија Тодоровска

 

Член на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

 

Марија Тодоровска е посветена активистка за човекови права и експертка во областа на трговија со луѓе, родово базирано насилство и миграција. Со магистерски студии по социјална работа и социјална политика, таа има повеќе од две децении искуство во поддршка на жртви, застапување за политики и стратешки развој на програми како коосновач и програмска директорка на здружението Отворена порта/Ла Страда. Авторка е на бројни национални и меѓународни истражувања и извештаи, кои нудат клучни препораки за системски реформи. Нејзината работа директно придонесе за иницирање и усвојување на Законот за паричен надоместок за жртви на насилни кривични дела, значаен чекор напред во заштитата на правата на жртвите. Марија Тодоровска исто така, беше член на Управниот одбор на Ла Страда Интернационал и соработува со различни организации и координативни тела, споделувајќи ја својата експертиза за зајакнување на глобалните напори за борба против трговијата со луѓе, подобрување на системите за заштита и обезбедување поддршка и услуги за најранливите.

Кадри Хаџихамза

 

Член на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

 

Проф. д-р. Кадри Хаџихамза е роден  на 5.10.1961 г. во Скопје.  Средно образование завршил во Скопје во Средно Медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје. Со високо образование се стекнал на УКИМ, Медицински факултет – Скопје, на кој се запишал во учебната 1980/81 година и дипломирал во 1989 година. Во учебната 2003/2004 се запишал на  втор циклус (магистерски) студии на УКИМ, Медицински факултет – Скопје, во областа клиничка медицина. Студиите ги завршил во 2006 година, со просечен успех 10. На 9.6.2006 година го одбранил магистерскиот труд на тема: „Зачестенот на одредени типови главоболки кај средношколците“. Докторска дисертација пријавил  во 2009 г. Дисертацијата на тема: „Насилство и злоуотреба на деца и адолесценти и последиците врз нивното ментално здравје“ ја одбранил на 29.10.2012 година. Со тоа се стекнал со научниот степен доктор на науки од научната област психијатрија. Во 2015 година е избран во звањето научен соработник на Медицинскиот факултет во Скопје,  во областите: ментална хигиена, психосоматика, детска психијатрија, психопатологија, психотерапија, психоанализа, психофармакотерапија, медицинска психологија и социологија. Во моментот е вонреден професор на Катедрата за психијатрија и медицинска психологија на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје. Во рамките на наставно-образовната дејност на УКИМ, Медицински факултет – Скопје, Проф.Д-р.Кадри Хаџихамза изведува настава и вежби на прв циклус студии на студиската програма Општа медицина и на високите школи на Медицинскиот факултет. Тој бил ментор на повеќе дипломски трудови и ментор на низа специјализанти по психијатрија. Кандидатот  учествувал како член во Комисија за оцена/или одбрана на 2 дипломски трудови. Проф.Д-р. Кадри Хаџихамза учествувал во повеќе меѓународни проекти и активно е вклучен во стручно-апликативната работа на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија. Врши стручна дејност шеф на Амбуланта при Клиниката. Проф.Д-р.Кадри Хаџихамза во 2007 г. е акредитиран за едукатор од страна на Министерството за здравство,  на проектот за менаџмент во здравствениот сектор. Стручно усовршување во странство кандидатот остварил во 2007 г. со студиски престој во Интернационалната Виртуелна Болница, на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Аризона, САД, преку меѓународната програмата  за телемедицина. А претходно во 2001 г. го посетувал Институтот за учење на далечина во Атланта, Џорџија (САД), организиран од Центарот за контрола и превенција на заболувања (CDC) и Институтот Отворeно општество, Скопје.  Во текот на 2014 и 2015 година бил на стручно усовршување во Истанбул, Турција, во универзитетските клиники за психијатрија во Чапа и Џерах Паша. Во период подолг од седум години кандидатот е рецензент во повеќе домашни и странски стручни списанија. Д-р Кадри Хаџихамза е номиниран за национален координатор за телемедицина во 2008 г. Член е на тимот за акредитација при АКАЗУМ и учетвувал во акредитација и реакредитација на повеќе медицински установи во Републиката. Учесник во еден меѓународен проект на Хоризонт 2020 (ИМПУЛС – Имплементација на ефикасна и економски исплатлива интервенција за пациенти со психотични растројства во земјите со низок и среден приход во Југоисточна Европа), и еден национален проект (“Метаболни  нарушувања при примена на втора генерација на антипсихотици и влијанието на полот и начинот на исхрана“). Проф.Д-р.Кадри Хаџихамза активно се служи со англискиот јазик.

Светлана Цветковска

 

Член на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

 

Светлана Цветковска е вработена во Министерството за социјална политика демографија и млади  како раководител на секторот за еднакви можности.  Во министерството вработена од 2005 година на повеќе работни позиции и тоа:  координатор на Национален механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе, советник за недискриминација и превенција и заштита од трговија со луѓе во Одделението за родова еднаквост  и раководителка на Одделението за превенција и заштита од дискриминација. Претходно работно искуство  во приватен сектор и во здружение на граѓани, како програмски координатор во Организацијата на Унијата на жени на Република Македонија на програма за политичко зајакнување на жените. Во текот на професионална кариера, член на повеќе владини работни групи и придонесува за промоција на политики и практики за родова еднаквост, недискриминација, како и спречување и заштита на жените од сите форми на насилство и дискриминација. Светлана Цветковска има учествувано во голем број на работни групи и тела, и тоа: Координатор на Националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе (од 2005 г.); Член на Националната работна група за подготовка на Стандардните оперативни процедури за жртви на трговија со луѓе; Член на Работната група за ревизија на СОП за жртви на трговија со луѓе; Член на Секретаријатот на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе (од 2011 г.); Претседавач на Подгрупа за борба против трговија со деца (од 2011 г.); Член на Националното координативно тело за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство (од 2021 г.); Член на работна група за подготовка на Законот за антидискриминација; Член на работна група за подготовка на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство; Член на работна група за подготовка на Стратегија за еднаквост и недискриминација и Националниот акционен план за спроведување на  Стратегија за еднаквост и недискриминација; Член на работна група за подготовка на процесот на ратификација на Истанбулската конвенција (2017); Член на работна група за формирање Центар за упатување на жртви на сексуално насилство (2017); Член на Националното координативно тело за недискриминација (2018); Заменик член во Комитетот за борба против насилен екстремизам; Контакт лице во Акцискиата коалиција за автономија на телото, репродуктивни и сексуални права на УН; Контакт лице во Совет на Европа за спроведување  Европската конвенција за спречување и заштита од насилство врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција) од 2018 година и Претставник во Совет на Европа во Комитетот за недискриминација, различност и инклузија од 2022.

Стевчо Донев

 

Член на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

 

Стевчо Донев е јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство – Штип. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје на Универзитетот Свети Кирил и Методиј. Работел како адвокат во Кочани, потоа во Основен суд Кочани. Завршил Академија за судии и јавни обвинители  во Скопје и потоа е избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Кочани. Магистрирал на Правниот факултет во Кочани на Универзитетот Гоце Делчев – Штип. Работел и во Специјалното јавно обвинителство во Скопје, а потоа застапувал предмети и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје. Учествувал на повеќе стручни обуки, работилници, семинари, конференции и симпозиуми во државата и во странство, а учествувал и на меѓународен симпозиум за правата на жртвите во Европа организиран од EUROJUST.

Skip to content