Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Услови

Дали имам право на паричен надоместок?

Доколку сте жртва на кривично дело со насилство, вие имате право на паричен надоместок поради последиците кои сте ги претрпеле како резултат на кривично дело сторено со умисла со примена на физичка сила или со други дејства со кои настанало тешко нарушување на здравјето.
Вие сте непосредна жртва доколку сте претрпеле тешко нарушување на физичкото или психичкото здравје како директна последица од стореното кривично дело.
Непосредна жртва сте и доколку сте претрпеле тешко нарушување на физичкото или психичкото здравје, како резултат на:

– обид да спречите извршување на кривично дело со насилство,
– давање помош на жртвата, и
– помагање на полицијата при лишувањето од слобода на сторител на кривично дело со насилство.
Вие може да бидете и посредна жртва доколку сте член на семејството (брачен или вонбрачен партнер, дете, родител) на непосредна жртва кај која настапила смрт поради кривично дело поврзано со насилство.
Правото на паричен надоместок како жртва, ви следува без разлика на вашиот статус, односно дали сте државјанин на Република Северна Македонија, странски државјанин 1, врз основа на принципот на реципроцитет или меѓународен договор, лице без државјанство или неевидентирано лице во матичната книга на родени доколку во времето на извршување на кривичното дело престојувате на територијата на Република Северна Македонија.

_____________
1паричен надоместок има жртва која е државјанин на земја-членка на Европската Унија и ќе започне да се применува од денот на пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Што е кривично дело со насилство?

Кривичното дело со насилство може да биде поврзано со родово-базирано насилство врз жените и семејно насилство, кривично дело со кое се повредува половиот интегритет, кривично дело поврзано со засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос, трговија со луѓе и трговија со дете.
Кривично дело со насилство може да биде и друго кривично дело со кое со општоопасно дејство, орудие или средство се доведува во опасност животот или имотот на лицето, што предизвикало смрт или тешки телесни повреди или тешко нарушување на физичкото или психичкото здравје на едно или повеќе лица.

Кои услови треба да ги исполнувам за да остварам право на паричен надоместок?

Предуслов за да остварите право на паричен надоместок е кривичното дело да е евидентиранo или пријавено во полициска станица или во јавното обвинителство.
На ваше барање, или на барање на вашиот родител/старател или полномошник, полицијата или јавното обвинителство се должни да ви издадат соодветно известување, записник за примање пријава, службена белешка или потврда дека делото е пријавено или евидентирано како кривично дело.
Имате право на паричен надоместок без оглед дали сторителот на кривичното дело е познат и без оглед дали против сторителот на кривичното дело e поведена кривична постапка, или, пак, постојат фактички или правни пречки за водење кривична постапка.

Кои се видовите на паричен надоместок кои може да ги добијам?

Вие имате право на паричен надоместок и тоа за:
– трошоци за лекување и медицински помагала (максимален износ до 2.000 евра во денарска противвредност),
– изгубена заработувачка (максимален износ до 2.000 евра во денарска противвредност),
– трошоци за погреб (само доколку не сте ги наплатиле по друга основа),
– изгубена издршка (максимален износ од 4.500 евра во денарска
противвредност), и
– солидарна помош за претрпени последици од кривичното дело
(максимален износ до 500 евра во денарска противвредност).
Износот на паричниот надоместок кои може да го добиете по сите видови, не може да го надмине износот од вкупно 5.000 евра во денарска противвредност.

Skip to content