Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

СООПШТЕНИЕ

Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство: „Обезбедување на правото на надомест за децата жртви на трговија е клучен чекор во нивната рехабилитација и заштита“

Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство учествуваше на тркалезната маса на тема „Борба против трговијата со деца во Северна Македонија: обезбедување на правата и заштита на децата кои се жртви на трговија“, одржана на 22 ноември 2024 година во Скопје. Настанот беше организиран од Отворена Порта/Ла Страда, Владата на Северна Македонија и Доброволниот доверителен фонд на ОН за современи форми на ропство.

Комисијата активно придонесе со свои препораки и ја нагласи важноста на правото на надомест за децата кои се жртви на трговија со луѓе. Во своето обраќање, членовите ја истакнаа неопходноста од воспоставување ефикасни механизми за обезбедување на правичен надоместок и значењето на соработката меѓу институциите за унапредување на правата на жртвите.

Членот на Комисијата, Марија Тодоровска, потенцираше дека:„Обезбедувањето правичен паричен надоместок е суштински чекор за поддршка на децата жртви на трговија и нивна рехабилитација. Градењето на капацитетите на Комисијата, обуките за полицијата, обвинителството и другите институции, како и подигнувањето на јавната свест за правото на надоместок, се клучни за ефикасно спроведување на овој процес“,

Во изминатиот период, Комисијата постигна значителен напредок, вклучувајќи регистрација како независно тело, усвојување на Деловникот за работа и процедурата за поднесување барања за паричен надоместок, што претставува важен чекор кон олеснување на пристапот до правда за децата жртви на трговија. Дополнително, беа изработени едукативни материјали и информативна веб-страница, кои ќе служат како основа за промовирање на правото на надоместок меѓу жртвите, институциите и јавноста.

На тркалезната маса беа идентификувани повеќе недостатоци во системот за заштита на децата жртви на трговија, меѓу кои и ограничените сместувачки капацитети, слабата финансиска одржливост и недоволното препознавање на децата како жртви.

ПРЕВЗЕМЕНО

Skip to content