Која е постапката за остварување на правото на паричен надоместок?
Постапката се поведува со поднесување на писмено барање до Комисијата за паричен надоместок (во понатамошниот текст: Комисијата) која одлучува по барањето.
Формуларот – Образецот за Барањето за остварување на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство може да се симне и испечати од веб страната на Комисијата. Барањето може да се предаде непосредно преку архивата на Министерството за правда или да се испрати по пошта или во електронска форма.
Контакт: Министерство за правда, ул. Димитрие Чуповски бр.9, 1000 Скопје
Веб-сајт: www.komisijazanadomestoknazrtvi.mk
Електронска адреса: contact@komisijazanadomestoknazrtvi.mk
Телефон: +389 2 3116 493 лок.119
За жртви деца/лица со ограничена или одземена деловна способност
Доколку жртвата е дете или нема деловна способност, барањето ќе се
поднесе до Комисијата од страна на родителот, старателот или од полномошникот.
Родителот или старателот за помош и информации можат да се обратат
до здруженијата на граѓани регистрирани за обезбедување на бесплатна правна помош или до подрачните одделенија на Министерството за
правда.
Што треба да содржи барањето за паричен надоместок?
Најдобро е барањето за паричен надоместок да се поднесе на образец кој може да го најдете во овој информативен материјал или да го подигнете од канцелариите на здруженијата на граѓани регистрирани за обезбедување на бесплатна правна помош или до подрачните одделенија на Министерството за правда.
Барањето може да го поднесете на македонски јазик и неговото кирилично писмо или на друг службен јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо или на јазикот што го разбирате.
Доколку користите свое барање, внимавајте на следните задолжителни елементи кои мора да ги содржи барањето:
- лични податоци за подносителот на барањето, односно жртвата, ако не е исто лице со подносителот на барањето,
- опис на кривичното дело (датум, место и начин на извршување),
- датум кога е евидентирано или пријавено извршувањето на кривичното дело во полиција или во јавното обвинителство,
- опис на последиците од кривичното дело,
- наводи за тоа дали на жртвата и е познато дека против сторителот на кривичното дело се води кривична постапка, пред кој надлежен орган, како и бројот под кој се води предметот,
- изјава за остварување надоместок признат со закон остварен по други правни основи, и
- видот на надоместокот што жртвата го бара.
Кон барањето за покренување на постапката за остварување надоместок се поднесуваат фотокопии и се врши увид во оригиналот или заверен препис на следниве исправи:
- документ за лична идентификација,
- доказ за државјанство, живеалиште или престојувалиште, освен за жртва без државјанство или жртва која е неевидентирано лице во матичната книга на родени,
- соодветна исправа од полицијата или од јавното обвинителство дека кривичното дело е евидентирано или пријавено,
- доказ (медицинска документација) од која произлегува дека жртвата претрпела тешки телесни повреди, тешко нарушување на психичкото или на физичкото здравје,
- извод од матичната книга на умрени, ако настапила смрт на жртвата како последица на кривичното дело,
- доказ за неспособност за работа во согласност со прописите за пензиско и инвалидско осигурување,
- доказ дека посредната жртва ги платила трошоците за погреб,
- своерачно потпишана изјава за неостварување надоместок признат со овој закон остварен по други правни основи,
- податоци за негова лична трансакциска сметка, и
- други исправи со кои располага жртвата, а со кои се докажува исполнувањето на условите за остварување надоместок.
Какви трошоци имам во оваа постапка?
Во оваа постапка не се плаќаат административни такси.
За странски државјани/лица без државјанство
Имате право на преведувач за време на целата постапка, а трошоците се на товар на државата.
Кон исправите кои ќе ги поднесете на странски јазик, потребно е да приложите и заверен превод на македонски јазик. Трошоците за превод се покриваат од страна на државата. Истите треба да ги пријавите во вашето барање за да ви бидат надоместени од страна на Комисијата.
На што да внимавам во текот на постапката?
Комисијата по приемот на вашето барање со потребните исправи ќе ви издаде потврда за прием на барање, во кое е наведено лице за контакт надлежно за постапување и рокот до кога ќе се донесе одлуката, доколку е можно.
Доколку во текот на постапката за остварување на правото на паричен надоместок, остварите право согласно друг закон, за тоа задолжително мора да ја известите Комисијата во рок од седум дена од остварувањето на правото, при што потребно е да доставите и доказ за остваренотo право и надоместок.
Во текот на постапката, по исклучок, Комисијата може да ве повика да дадете изјава за што составува записник или службена белешка. Побарајте копија од тоа што сте го изјавиле и сте го потпишале.
Доколку поднесеното барање е нецелосно, Комисијата ќе ве повика во рок од 30 дена од денот на приемот на известувањето да го исправите или дополните барањето со докази, кои се потребни за донесување одлука.
Во текот на целата постапка Комисијата внимава на вашите лични податоци кои сте ги доставиле и е должна да обезбеди тајност и заштита од злоупотреби.
Во кој рок може да го поднесам барањето?
Барањето се поднесува најдоцна во рок од три години од денот кога е извршено кривичното дело кое го наведувате во барањето за надоместок.
Ако поради здравствени причини не сте во можност да го поднесе барањето во рок од три години од денот кога е извршено кривичното дело кое се наведува во барањето за надоместок, барањето се поднесува најдоцна во рок од шест месеци од денот кога престанале да постојат причините поради кои не сте биле во можност да го поднесете барањето, а најдоцна во рок од пет години од денот на извршувањето на кривичното дело.
За жртви деца/лица со ограничена или одземена деловна способност
Ако станува збор за жртва дете или лице со ограничена или лишена деловна способност, а родителот или старателот не поднел барање за надоместок во рок од три години од денот кога е извршено кривичното дело кое се наведува во барањето за надоместок, рокот од три години започнува да тече од денот кога лицето ќе наполни 18 години или од денот кога по настапување полнолетство на жртвата е пријавено извршувањето на кривичното дело или од денот кога на лицето му е вратена деловната способност.