Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Борба против трговијата со деца во Северна Македонија: обезбедување на правата и заштита на децата жртви на трговија

Tрговијата со деца претставува еден од најзагрижувачките аспекти на трговијата со луѓе во земјава. Во периодот од 20 години, најголем дел од идентификуваните жртви се деца, кои сочинуваат 70% од случаите.  Повеќето од овие деца се на возраст од 9 до 17 години и доаѓаат од ранливи категории. Жените и девојчињата доминираат меѓу жртвите, со висока застапеност на случаи на двојна експлоатација – сексуална и трудова. Просечната возраст на децата-жртви e околу 15 години, што го прави овој феномен уште позагрижувачки. Ваквите податоци ја потенцираат итната потреба трговијата со деца да се спречи, а на  децата жртви мора да им се обезбеди заштита и пристап до правда.

Отворена Порта/Ла Страда во соработка со Владата на Северна Македонија, Доброволниот доверителен фонд на ОН за современи форми на ропство организираше тркалезна маса на тема „Борба против трговијата со деца во Северна Македонија: обезбедување на правата и заштита на децата кои се жртви на трговија“ која се оддржа на 22 ноември 2024 во Скопје. Целта беше да се обезбеди форум за размена на ставови и искуства за унапредување на правата и механизмите за заштита на децата кои се жртви на трговија со луѓе. Особено е важна вклученоста на повеќе засегнати страни за решавање на ова итно прашање и токму затоа учествуваа претставници на национални институции меѓу кои Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Националниот известувач, Комисијата за паричен надоместок, претставници на амбасади и меѓународни организации вклучени во превенцијата и борбата против трговијата со деца.

Дискусијата ги идентификуваше клучните недостатоци во тековните механизми за заштита на децата кои се жртви на трговија со луѓе но даде и предлози за зајакнување на националните напори и конкретната улога на засегнатите страни во областите на превенција, заштита, кривично гонење и го поттикна создавањето партнерства во борбата против трговијата со деца.

Г-дин Ѓоко Велковски, Заменик министер за социјална политика, демографија и млади, ја истакна посветеноста на Владата, наведувајќи: „Владата на Р.С. Македонија, преку Министерството за социјална политика, демографија и млади, е спремно да ги прошири своите капацитети за сместување и заштита на жртви на трговија со луѓе, во соработка со сите наши партнери да градиме систем за социјална заштита во една вистинска смисла на зборот. Работата на превенцијата и заштитата од трговија со луѓе, особено на децата, ни претставува еден од најврвните приоритети како Влада. Ниту едно дете не треба да биде оставено без грижа и заштита.“

Г-ѓа Јасмина Димишковска Рајковска, Извршна директорка на Отворена порта/Ла Страда Македонија, го истакна пристапот кон децата жртви и потребата за нивна заштита: „Отворена порта секогаш се води од принципот дека секое лице, особено децата кои се жртви на трговија, имаат различни потреби, искуства и трауми. Нашиот индивидуален пристап овозможува развој на специфични планови за поддршка, приспособени на околности на секој случај. Овој пристап е основата за обезбедување ефективна и долготрајна помош.“

Г-ѓа Сузан Копеџ, член на Одборот, Доброволен доверителен фонд на ОН за современи форми на ропство ја потврди посветеноста на ОН:„Како што знаете, жртвите на современото ропство ширум светот, вклучително и овде, често се изложени на трговија со луѓе. Ние сме горди што Доброволниот фонд на ОН за современи форми на ропство може да ги поддржи граѓанските организации како Отворена порта да продолжат да обезбедуваат долгорочна помош и поддршка за жртвите на трговија со луѓе за да се обезбеди нивна сеопфатна социјална и економска реинтеграција. Тие се однесуваат на потребите на преживеаните, особено на децата, кои станаа плен на организираните мрежи на трговија со луѓе во земјата.“

Г-ѓа Соња Божиновска Петрушевска, раководителка на канцеларијата на ИОМ во Северна Македонија, ја истакна важноста на превенцијата, особено кај ранливите групи:Кога станува збор за присилните бракови и питачењето, би сакала да истакнам дека децата Роми се особено изложени на овие форми на трговија со луѓе. Мигрантите кои доаѓаат од Блискиот Исток и Африка, а особено жените и девојчињата и непридружуваните деца се ранливи на различни форми на експлоатација долж миграциските рути. Ако ме прашате што е најважно во областа на трговијата со луѓе, би рекла трговијата со деца воопшто да не се случи, и затоа напорите за превенција се од особено значење.“

И покрај овие напори, сепак предизвиците остануваат големи. Постои само едно прифатилиште со ограничени капацитети за сместување на деца и возрасни жртви на трговија со луѓе.  Дополнително, финансиската неодржливост, слабата координација меѓу институциите и недоволното препознавање на децата како жртви на трговија се меѓу најголемите проблеми со кои се соочуваме.

Пристапот до правда на жртвите на трговија со деца подразбира не само пронаоѓање и казнување на сторителите, туку и изрекување соодветна санкција која ќе има одвраќачко дејство за повторување на делото од страна на обвинетите, но, и за останатите во општеството. Имено, пристапот до правда на жртвите на трговија со дете подразбира и доделување на правичен надоместок како компензација за претрпениот страв, болка и душевно страдање на детето жртва.

Справувањето со трговијата со деца во Северна Македонија бара повеќеслоен пристап, вклучувајќи подобра заштита, рехабилитација и реинтеграција  на жртвите, како и здружен напор за подигнување на свеста и спречување на социо-економските фактори кои ја овозможуваат трговијата  особено со деца. Исто така  како клучни препораки се следниве.

Да се планираат и распределат буџетски средства за унапредување и зголемување на сместувачките капацитети за жртви на трговија со луѓе како и за спроведување на Програмата за помош и поддршка при реинтеграција на жртвите на трговија со луѓе, вклучително и за целосна финансиска одржливост на Центарот за жртви на трговија со луѓе.

Зголемување на превентивните активности. Образованието на децата, родителите и локалните заедници за ризиците од трговија и експлоатација  вклучувајќи и  онлајн експлоатација мора да биде приоритет. Со кампањи и едукација, ќе помогнеме во раното препознавање на ризичните ситуации како и за споделување на практични информации за тоа како да се пријават инциденти да се побара помош.

Да се координираат и засилат меѓусебните напори на истражните, социјалните, здравствените и другите институции кои се вклучени во идентификувањето на жртвите на трговија со луѓе, особено децата.

Како организација, Отворена порта/Ла Страда Македонија повеќе од две децении работи на спречување на трговијата со луѓе и заштита на жртвите. Посветени сме на превенција, обезбедување директни услуги за жртвите, застапување за нивните права и унапредување на законските и политичките рамки во државата.

Преку нашите активности во прифатилиштето, успеавме да поддржиме и заштитиме повеќе од 200 потенцијални и жртви на трговија со луѓе. Од 2006 во прифатилиштето, Центарот за жртви  на трговија со луѓе, обезбедуваме континуирана психо-социјална помош, правна поддршка, здравствени услуги и економско зајакнување.

ПРЕВЗЕМЕНО

Skip to content