Петнаесеттиот состанок на Националното координативно тело (НКТ) за спроведување на Законот за бесплатна правна помош се одржа во Скопје со цел да се дискутираат најважните предизвици поврзани со функционирањето на системот на бесплатна правна помош во Северна Македонија.
Со поддршка на заедничката програма на Европската Унија и на Совет на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, а во тесна соработка со Министерството за правда, на настанот присуствуваа околу 40 учесници, додека околу 20 се приклучија онлајн. Учесниците беа претставници од клучните институции (и членови на ова тело) на полето на бесплатната правна помош, вклучувајќи ги Министерството за правда и неговите подрачни одделенија и канцеларии, Адвокатската комора, адвокати, граѓански здруженија и правни клиники овластени да даваат бесплатна правна помош (БПП). На настанот присуствуваа и судии од Основниот граѓански суд во Скопје и од Управниот суд.
Во својот воведен говор, Заменик министерот за правда, г-дин Ален Деребан, ја нагласи важноста на пристапот до правда за сите, преку обезбедување бесплатна правда помош за оние кои не можат да си ја дозволат. Ранливите граѓани кои не можат да си дозволат да ги покријат трошоците за една постапка, како на пример, за адвокат или пак за судски трошоци, ќе добијат поддршка од државата. „Нашата обврска е да им овозможиме на сите граѓани соодветни, независни и непристрасни судски механизми. Ова ќе им овозможи на граѓаните кои се во тешка финансиска состојба да добијат правна помош од адвокат/ка и да добијат фер судење. На овој начин, покажуваме дека се грижиме за ранливата категорија на граѓани“ напомена г-дин Деребан.
Дискусиите беа фокусирани на неколку итни прашања, вклучително и предизвиците со кои се соочува Одделението за бесплатна правна помош и подрачните одделенија при спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош. Учесниците изразија загриженост за сериозниот недостаток на човечки ресурси во Одделението за БПП, каде што само еден вработен во моментот работи на бројни задачи, потенцијално загрозувајќи ја ефективноста на одделението.
Националниот консултант ги презентираше неодамна усвоените технички измени за усогласување на Законот за БПП со Законот за вештачење. Освен тоа, учесниците потенцираа дека мора да се почне со широк, транспарентен и инклузивен процес за натамошни измени во Законот (втора фаза), во согласност со претходните заклучоци од НКТ.
Беше организирана и посебна панел-дискусија посветена на бесплатна правна помош за жртви на кривични дела и на трговија со луѓе, во соработка со проектот на ЕУ и на Совет на Европа: “Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија”. Две членки на новооснованата државна Комисија за надоместок за жртви од кривични дела со насилство споделија информации за работата на комисијата, а улогата на давателите на бесплатна правна помош во давањето поддршка на системот за компензација на жртви беше дискутирана подетално.
Проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија” е дел од „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција“, заедничката програма на Европска унија и Совет на Европа, што ја спроведува Советот на Европа. Проектот ќе продолжи да дава поддршка за Националното координативно тело за бесплатна правна помош со цел да се постигне подобра координација и комуникација меѓу главните актери во системот за бесплатна правна помош во иднина.
Горенаведената содржина е преземена од оригиналниот пост, достапен на овој линк.